Во Гостивар денеска се одржа деветтата од серијата јавни дискусии за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“, кадешто свои обраќања пред граѓаните на Гостивар и регионот имаа заменик министерката за финансии во Влада на РСМ, Ширет Елези, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман и директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска, се вели во соопштението од Владата на РСМ.
Заменик министерката за финансии, Ширет Елези во име на Владата на Република Северна Македонија, рече дека „Стратегијата за едно општество и интеркултурализам“ ја исцртува една од главните карактеристики и вредности на нашата земја, која во светот веќе се препознава: определбата да градиме и негуваме општество еднакво за сите.
Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман рече дека Агенцијата како посебен орган кој ги следи остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на помалубројните заедници дава значаен придонес во изготвувањето на Нацрт-текстот на Стратегијата, и тоа во сите кластери преку давање на предлози, идеи и пренесување на професионални искуства.
Директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска рече дека е охрабрувачка заложбата од страна на Владата да сите заедно, државните институции, граѓанските организации, академската заедница и бизнис секторот, да придонесат кон надминување на поделбите меѓу граѓаните кои припаѓаат на различни етнички, верски и културни заедници и групи и да создадат општество во кое секој поеднинец ќе се чувствува пред се’ како граѓанин кој ги ужива своите права подеднакво како и сите останати граѓани во нашата земја.
Координаторката на кластерот за медиуми во координативното тело за подготовка на националната стратегија и специјална советничка во канцеларијата на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Маја Петковска Лесес, го претстави Нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот“ пред претставници од граѓанскиот сектор, локалната самоуправа и медиумите, коишто ја поздравија иницијативата за оваа Стратегија и можноста со свои излагања да учествуваат во дискусија преку изнесување на повеќе сугестии за намалување на поделбите и за создавање услови за подобро, подеднакво и покохезивно општество.
Следната јавна дискусија за Стратегијата е на 25 јуни во Скопје.