„Кога ние дознавме дека е формирано здружение ‘Студентски пленум’, ги побаравме документите од Централен регистар и увидовме дека се формирани две здруженија. ‘Студентски пленум Скопје’ и ‘Студентски пленум за заштита на правата на студентите’. Двете здруженија имаат ист претседател, но различни се основачите. Од документи имаат Статут и акт за основање и записник. Оттогаш, неколку пати се обидовме да стапиме во контакт со претседателот, но беше неуспешно, а истото се случи и со другите основачи“, велат за ЦИВИЛ Медиа, соговорници од неформалниот Студентскиот пленум што ги организираше познатите активности на студентите, откако по речиси пет месеци од регистрирањето, контра-здруженијата немаат никакви активности.
„Ги препознавме кои се, тие се дел од Студентскиот парламент и блиски до владејачката партија, со цел да се замолчи целото движење и да се направи конфузија во медиумите. Но, и тогаш споменавме дека колку и да се трудат нема да можат да ја убијат идејата. Здруженијата се регистрирани на почетокот на септември, но ние продолживме со активности, го организиравме студентскиот референдум и сè уште сме дел од преговорите за моделот на студентското организирање“, појаснуваат од Студентскиот пленум.
ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Младинскиот образовен форум, за тоа кој е нивниот став во однос на двете здруженија кои го користат веќе добро познатото и препознатливо име меѓу студентите, но и кај останатите граѓан(к)и – „Студентски пленум“.
„Важно е да напоменам дека МОФ ги поддржува формалните и неформалните студентски иницијативи во борбата за демократија, за подобро студентско организирање и студентски права. Сепак, регистрацијата на овие две организации е проблематична од аспект дека веќе постои неформалната иницијатива ‘Студентски пленум’, постојат младински организации, студентски органзации па петте основачи на овие здруженија, можеле да се приклучат во веќе постоечката структура доколку навистина сакале да се борат за плурализам, инклузивност и демократија на Универзитетот. Затоа, не ја разбираме потребата да се регистрираат овие две здруженија чија главна цел е залагање за студентите, кога од основањето па до денес, немаат спроведено ниту пак, имаат најавено, било каква активност“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Александра Филипова од МОФ.
Од МОФ се согласни дека е симптоматично што овие организации се формираа во период кога борбата за студентските права беше најсилна, и што здруженијата немаат ниту една активност, ниту прес-конференција, ниту пак, се достапни за новинарите, јавноста и студентите.
Марија Теговска