Инфлацијата во Судан скокна на над 300 проценти, соопштија денеска властите во оваа земја, што претставува голем предизвик за новата влада, чија задача е да се справи со долготрајната и тешка економска криза.
„Годишната стапка на инфлација во јануари достигна 304,3 проценти, наспроти 269,3 проценти во декември“, се наведува во соопштението на Централното биро за статистика, во кое се забележува раст на цените, вклучувајќи и на храната.
Во последните неколку недели во повеќе делови на Судан избувнаа протести заради огромниот раст на трошоците за живот.
Суданските власти за новите, понекогаш жестоки, протести ги обвинија приврзаниците на поранешениот претседател Омар ал-Башир, кој беше соборен од власта во април 2019 година по масовни протести на младите низ целата земја, што беа предизвикани главно од економски тешкотии.
Во Судан минатата недела заклетва положи новиот владин кабинет, што за своја основна задача ја има обновата на економијата на земјата, уништена од децениските санкции на САД, лошото управување и граѓанската војна за време на владеењето на Башир.
Земјата се бори со тешка економска криза, што се карактеризира со галопирачка инфлација, хроничен недостиг на цврста валута и нестабилен црн пазар.
Кризата ја влоши и пандемијата.
Владата се надева дека неодамнешното отстранување на Судан од црната листа на САД како спонзор на тероризмот ќе овозможи намалување на долгот и ќе ги донесе многу потребните странски инвестиции.