Судењето за масовното прислушување и уништување на опремата за следење на комуникацииите „Таргет – Тврдина“ е пред самиот крај. Во Кривичниот суд заврши доказната постапка за овој случај, а денеска Обвинителството и одбраната почнаа да ги презентираат дополнителните докази.
На наредното рочиште закажано за во вторник, треба да се приложи вештачењето за тоа колку вределе апаратите за следење на комуникациите на денот кога биле уништени. Ова влегува во дополнителен доказ, бидејќи при првичното анализирање на уништената опрема на вештакот му беше истечена лиценцата и поради тоа неговата анализа тогаш не беше прифатена од Судот.
Обвинителството денеска го допрецизираше бројот на прислушуваните разговори. При пописот на сефовите во СЈО каде се чуваат аудио разговорите е утврдено дека има 546.571 прислушувани разговори. Одбранта презентираше материјални докази за двајца од обвинетите. По изведување на дополнителните докази на ред ќе дојдат завршните зборови, па пресудата за „Таргет – Тврдина“.
Ова се очекува да биде во февруари или март. Предметот за прислушување и уништување на опремата за прислушување го почна згаснатото Специјално обвинителство, а судењето трае повеќе од три години. Обвинето е поранешното раководство во МВР, како екс министерката Гордана Јанкулоска, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, неговиот поранешен шеф на кабинет, Тони Трајковски, Владимир Варелови и уште петмина од УБК. Обвинети се и бегалците Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се во Грција. Според обвинението, преку три системи за прислушување, незаконски биле следени над 4.000 телефонски броеви.
Извор: Алсат