Талибанските борци кои ја презедоа власта во Авганистан отворија оган врз жени кои организираа демонстрации во Кабул, јави авганистанската новинска агенција Асвака.
Инцидентот се случил во близина на болницата на италијанската хуманитарна организација „Иргентс“. Нема информации за жртви.
Претходно Толоњуз (TOLOnews) објави дека група жени одржале протест во главниот град на Авганистан барајќи заштита на нивните права и подобрување на условите за живот. „Ние сме гласот на гладните луѓе“, ги цитира каналот паролите на незадоволните жени. „Жените се разбудија, мразиме дискриминација“.
Според објавено видео, во демонстрациите учествувале неколку десетици луѓе.
Талибанците им забранија на локалните медиуми во Авганистан да емитуваат странски серии кои го прекршуваат шеријатскиот закон, прикажуваат жени без хиџаб и секаков вид на песни, соопштија претставници на медиумите.
Тие рекоа дека Комисијата за култура им забранила на девојките да носат модерна облека, дури и во реклами. Сите жени мора да носат хиџаб. Покрај тоа, медиумите мора да ги отфрлат странските телевизиски серии кои се во спротивност со авганистанската култура и шеријатскиот закон, а употребата на песни е строго забранета.
Комисијата соопшти дека медиумите треба да даваат „балансирани“ вести што не се засноваат на гласини. Странските медиуми кои се емитуваат во Авганистан мора да ги исполнуваат стандардите поставени од властите во земјата, во спротивно тие ќе бидат забранети.
Според претставниците на медиумите, поради овие забрани ќе мора да се затворат претставништвата на некои медиуми. Тие истакнаа дека ограничувањата наметнати од талибанците ја отежнуваат работата на медиумите.
Извор: МИА












