Претседателот на Алијансата за Албанците и доскорешен министер за здравство Арбен Таравари, кој неодамна ја напушти Владата, вечерва истакна дека неговата партија сѐ уште нема договор со ДУИ за соработка на претстојните локални избори.
Во вечерашното гостување на „Тема на денот“ на Телевизија Сител, тој рече дека во некои општини, како Кичево, можен е заеднички кандидат на сите три политички субјекти од албанскиот блок – неговото крило на Алијансата за Албанците, ДУИ и „Влен“.
– Иако одамна велат дека имаме договор… еве, јас вечерва ви кажувам, уште немаме договор, меѓутоа сега сме опозициска партија. Во одредени општини, да бидеме искрени, можеби ќе има соработка „Влен“ – ДУИ – Алијанса. На пример, Кичево. Кичево е типичен пример во којшто, за жал, така ќе дојде на крајот, да се гласа за Македонец или Албанец, иако не би посакал така да бидат изборите, туку да се гласа за кандидат, нагласи Таравари, додавајќи дека соработка меѓу трите партии е можна и во други општини, без притоа да прецизира кои се тие.
Таравари истакна дека приоритет за него и за партијата се претстојните локални избори.
-Јас размислувам да излезе нашата партија што подобра на локалните избори. Да има што повеќе гласови и што повеќе општини да раководи, рече Таравари, појаснувајќи дека би бил задоволен со пет општини.