„Меѓуетничките односи поради нетолеранцијата и нетрпението се проблем и хендикеп. А различноста, преку споделување на искуства и знаења е само предност. Треба да се запознаеме без предрасуди, зашто човекот најмногу се плаши од непознатото! Треба да се негува инклузивноста“, изјави професорката на „Штуловиот универзитет“, д-р Беса Арифи, на вчерашната презентацијата на проектот „Демистификација на меѓуетничките конфликти” во „Американското катче“ во Скопје.
Проектот „Демистификација на меѓуетничките конфликти“ го имплементира невладината организација „Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка“ (АГТИС), со партнерските организации АДИ, МКЦ, ИРЗ, Зенит и Мултуетникум.
Целта на проектот, финансиран од Амбасадата на САД во Македонија, е одржливо подобрување на меѓуетничките односи и на креативноста на младите, како и препознавање и реакција на манипулациите со младата популација од политички карактер.
Според претседателот на АГТИС, Александар Цветковски, проектот сака да поттикне „јакнење на личниот код во однос на колективниот-етничкиот код и јакнење на капацитетите на средношколците за резистентност на влијанијата на политичките манипулации“.
На прес-конференцијата говорше и универзитетската професорка д-р Виолета Петровска – Бешка која потенцирајше дека не е доволна само коегзистенција на повеќе етникуми и култури кои паралелно функционираат, туку дека е неопходна корелација и интеграција, особено на полето на образованието, преку кое би се влијаело на враќањето и на паралелното егзистирање кон сегрегација.
Проектот што ќе се одвива низ активности на средношколците, вчера беше презентиран со два прерформанса: младинскиот перформанс „Тепачка со перници” и видео-перформансот „Рамковен автобус”, преку кои младите учесници, на свој начин се обидоа да ја демистификуваат манипулацијата и инструментализацијата за политички цели над нивната генерација, без оглед на националната припадност.