Роковите за формирање ново парламентарно мнозинство и нова влада течат, со засилено темпо се одвиваат преговорите меѓу политичките партии кои освоија пратенички места.
Сите тврдат дека разговараат, но никој засега не изнесува детали за текот на преговорите и за тоа дали има евентуален напредок.
СДСМ денеска преку соопштение информираше дека ги продолжува разговорите за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат.
„Во разговорите со политичката партија ДУИ целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротивставиме на сите форми на национализам и омраза. Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ“, се вели во соопштението.
Од СДСМ велат дека се неопходни квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои, како што потенцираат, се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, пак, вчера истакна дека партијата има комуникација со политичките партии, но оти не би навлегувал во детали да не ги наруши.
„Од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат. Но не би навлагувал во детали за да не наштетам на процесите“, рече Арсовски.
Минатата недела, СДСМ на ДПА и понудил да биде дел од нова владина коалиција. Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите.
Во Клубот на пратениците во Скопје разговарале претседателите на СДСМ Зоран Заев и на ДПА Мендух Тачи. На средбата присуствувале и Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски од СДСМ и Азем Садики од ДПА, кој е градоначалник на Студеничани.
Информација за средбата на својот фејсбук профил сподели Садики од ДПА.
„Ни беше понудена можноста да бидеме дел од идната влада предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев и ние како партија ја прифативме поканата. Формирани се работни групи кои ќе ги предводат секретарот на ДПА и секретарот на СДСМ, Љупчо Николовски“, напиша Садики на ФБ.
Зоран Заев вчера по завршувањето на конститутивна собраниска седница најави дека во следниот период ќе се одвиваат разговори на повеќе нивоа и очекува дека за 10 до 15 дена ќе има исход од овие преговори. Тој рече дека ќе разговара со лидерите на политичките партии и штом има некаков напредок, за што партијата ќе ја информираат јавноста.