„Ти не си виновна“ е слоганот на овогодинешниот „Марш за женски права“, кој ќе се одржи на 8 март, со почеток во 12 часот, од плоштадот Филип Втори, во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.
Маршот ќе се одвива според однапред определена рута, тргнувајќи од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост, Плоштад Македонија, а ќе заврши во Паркот Жена Борец.
„На 8 март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за општествените појави и системски недостатоци кои го загрзоуваат нашето постоење како слободни, еднакви, достоинствени и безбедни, оваа година маршираме под слоганот „Ти не си виновна!“
8 март е ден кога ја славиме секоја борба, секој глас, секој отпор! Поттикнати од случајот „Јавна Соба“ овогодинешниот Марш за женски права, гласно и недвосмислено го посветуваме на жртвите на родово базирано насилство“, велат организаторите.
Главна дестинација е паркот „Жена борец“, каде ќе се заврши со перформанс, за кој соопштија организаторите, ќе биде поддршка на жртвите.
А. П.












