„Со оглед на годината којашто измина и која би можел да ја поделам на два дела, едниот период на несигурност и другиот којшто почна да остава впечаток дека сепак работите може да се одвиваат во некоја добра насока, би посочил дека веројатно тој тренд на подобрувања треба да продолжи и понатаму преку остварување на сите зацртани работи коишто недостасуваа изминатиот период. Недостатоци кои го направија ова општество неадекватно за какво било делување“, вели музичарот Дамјан Темков во разговор со ЦИВИЛ Медиа, за Перспективи 2018.
Темков вели дека сегашниот период е добра основа за да се продолжи со трендот на промени којшто остава простор на сите луѓе да придонесат првенствено на личен план, а со тоа и на општествен план.
„Би посочил дека не треба да се воздржуваат од она што претходно значеше страв од искажување на проблемите, со цел да не можат да го остварат своето пред се право на какво било делување, а потоа и вклучување во процесот на поправање на сите недостатоци во секојдневното живеење“, вели Темков.
„Кога станува збор за 2018 и тргнувајќи од моето искуство со ЦИВИЛ би потенцирал дека можеби треба да се направи поагресивна кампања за тоа кои се права и какви права имаат луѓето, односно дека нивниот глас значи многу и дека доколку се запознаат со работата на овој вид на организации и ќе сфатат дека имаат можност да реагираат навремено или едноставно дека има каде да се обратат за да спречат такви дефекти кои општеството ги трпи заради одредени постапки на тие коишто ја раководат земјава“, заклучува Темков.
„Перспективи 2018“ е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов