Во Кривичен Суд денеска се закажани рочишта за предметите „Траекторија“ и „Транспортер“ на СЈО.
Во предметот „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
За предметот „Транспортер“ е обвинет поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица, за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 еврa.
Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи и судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиство на дваесетгодишниот Никола Саздовски.
Претходното рочиште на 28 февруари беше одложено поради недоставените списи од дополнителното вештачење од вештите лица.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот Александар Македонски во Автокоманда.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој сè уште не е достапен за полицијата, распишана е домашна и меѓународна потерница.