Претседателите на САД, Доналд Трамп, на Русија, Владимир Путин, и на Кина, Си Џинпинг, на 19 ноември треба да одржат прва трилатерална средба во кинескиот град Шенжен. Средбата ќе се одржи во рамките на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), а нејзиното одржување веќе е потврдено од трите земји.
Најавата за средбата доаѓа во период на засилени меѓународни тензии, продолжениот руски воен напад врз Украина, војната во Иран и неизвесноста околу иднината на нуклеарната контрола.
Кинеското Министерство за надворешни работи на 16 ноември официјално соопшти дека Си Џинпинг ќе се сретне со Трамп и Путин во Шенжен.
Нуклеарното разоружување и Иран меѓу главните теми
Според најавите од Вашингтон, Трамп планира да го отвори прашањето за намалување на нуклеарните арсенали на трите држави. Ова прашање добива дополнителна тежина по истекувањето на договорот Нов СТАРТ меѓу САД и Русија во февруари 2026 година, со што престанаа да важат последните ограничувања на нивните стратешки нуклеарни арсенали.
Сепак, постојат значителни разлики во позициите на трите земји. Кина има значително помал нуклеарен арсенал од САД и Русија и досега не покажува подготвеност да се вклучи во преговори за ограничување на нуклеарното оружје под истите услови. Пекинг смета дека двете најголеми нуклеарни сили прво треба да ги намалат сопствените арсенали.
Трамп најави дека на средбата ќе се разговара и за војната во Иран, како и за економските и трговските односи. Сепак, засега нема потврдено конкретни договори што би можеле да произлезат од разговорите. Американски претставници претходно посочија дека не очекуваат веднаш да биде постигнат договор за нуклеарните прашања.
Украина и стравувањата од договор за светските сфери на влијание
Особено чувствително прашање е можноста за разговори за Украина без директно учество на украинското раководство.
Претходните најави од американската администрација укажуваа дека војната во Украина нема да биде тема на трилатералниот состанок, бидејќи Вашингтон ја третира како посебен преговарачки процес во кој се вклучени Кијив и Москва. Но, Трамп подоцна посочи дека Украина е меѓу прашањата за кои сака да разговара со Путин и Џинпинг.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека ваквите средби не треба да прераснат во нова Јалта, односно во договор меѓу големите сили за поделба на сферите на влијание без учество на државите чии судбини се предмет на преговори.
Споредувањето со Јалтската конференција од 1945 година, на која САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз разговараа за повоениот поредок во Европа, отвора сериозни прашања за суверенитетот на помалите држави и правото на народите самостојно да одлучуваат за својата иднина.
Б. Ј.












