Транспаренси Интернешнел Македонија до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава во врска со незаконските исплати од Агенцијата за филм.
Кривичната пријава е поднесена против вршителот на должност Директор на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.
„Информациите за овој настан се обезбедени преку медиумите, а како прилог до Јавното обвинителство се доставени електронски и отпечатени верзии на извештајот од истражувачко новинарство објавен од Радио МОФ на 25.06.2020, како и извештајот објавен на порталот Сакам да Кажам објавен на 26. 06. 2020 година. Кривичната пријава е поднесена од Транспаренси Интернешнел Македонија заради тоа што не добивме впечаток дека Јавното обвинителство ќе го преиспита овој случај по допрен глас, а во објавените новинарски текстови се содржани доволно информации од кои може да се согледаат незаконските дејствија на пријавениот, а објавен е и доказен материјал кој секако претставува јавна информација и не би ја загрозил идната истрага“, се вели во нивното соопштение.
Организацијата ја повика и Владата да преземе мерки во нејзина надлежност за да се спречи незаконско одлевање на средства од буџетот на државата.