Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска го посети долгогодишните партнери на министерството во борбата против трговијата со луѓе Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“ Скопје, известуваат од МТСП.
За време на посетата на здружението министерката се сретнала со жртви на трговија со луѓе коишто се згрижени во Центарот за жртви на трговија со луѓе.
-Со склучување на управен договор за социјална услуга овозможуваме функционирање на Центарот за жртви на трговија со луѓе во кој услугата ја добиваат жртвите на трговија со луѓе во согласност со меѓународните стандарди за заштита. За нас како Министерство на прво место е заштита на човековите права на жртвите и справување со трговијата со луѓе особено со трговијата со деца и заштита на нивниот најдобриот интерес. Процесот на заштита е долготраен и мултисекторски во кои се посветува посебно внимание на безбедно сместување, здравствена заштита, правна помош, социјална заштита, образование и економска поддршка. Наша крајната цел е да им се помогне на жртвите да се најде трајно решение кое ќе ги адресира сите нивни потреби за заштита и ќе се подготват за интеграција во заедницата, истакна Тренчевска во непосреден разговор со претставниците на здружението.
Од МТСП потенцираат дека меѓу Министерството за труд и социјална политика и Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“ на почетокот на оваа година е потпишан управен договор за давање на услугата привремен престој во Центар за привремен престој за жртви на трговија со луѓе.