Обвинителството денеска му определи мерка притвор од 30 дена на Игор Југ, поради основано сомневање, што произлегува од доказите дека тој бил водач на толпата на „Крвавиот четврток“. Обвинителството ја изрече оваа мерка, и Југ ќе остане во притвор во Шутка, поради опасност од бегство, опасност од попречување на истрагата и можност за повторување на кривичното дело.
Во моментов, против него се водат две истраги: тој се товари „за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“ и „учество во толпа“. За второто кривично дело – учество во толпа што ќе изврши кривично дело од чл.385 ст.3 од Кривичниот законик, е предвидена затворска казна до 10 години.
Осумдневниот притвор, што му беше определен измина денеска, а предлогот за продолжување на притворот, бил доставен до Судот, вчера. Според информациите пласирани во јавноста, Југ, изутринава бил пуштен од затворот во Шуто Оризари, и оттаму бил е пренесен на распит.
Кумановската полиција го уапси Игор Југ пред 8 дена, четири месеци по распишување на наредбата за негово приведување. Тој беше пронајден во стан во центарот на Куманово.