ВЕСТ НА ДЕНОТ
Прва меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог
Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари.
Учесниците на Конференцијата ќе се осврнат и на трансатлантските врски, кои ќе бидат тема на дискусија и обработка на панелот на високо ниво на вториот ден од Конференцијата, каде ќе се разговара за враќањето на синергијата меѓу ЕУ и САД во однос на Западниот Балкан.
Конференцијата, низ различни предвидени содржини и панели ќе го обработува Западниот Балкан, дали е тоа гледано низ призмата на помирувањето и градењето на доверба меѓу нашите народи, дали е низ призмата на трансатлантските релации, преку економската соработка, конекциите со цивилното општество и медиумите, родовиот сензибилитет за овие важни процеси. Има и посебен панел што ќе биде првиот кој ќе се пренесува на платформата на Унијата за Конференцијата за иднината на ЕУ, што впрочем е премиера на регионот во оваа дебата и тоа во соработка со Службата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Идејата на „Преспа форум дијалог“ е продлабочување на соработката и размена на позитивни практики и искуства помеѓу земјите од Западен Балкан во повеќе области, вклучително и преку младинскиот активизам, а со цел јакнење на регионот и негова целосна интеграција во европското семејство.
Во основата на Преспа форум дијалог се наоѓаат три столба: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа. Овие договори создаваат една нова, алтернативна слика не само за нас, туку и за регионот. На овие договори почива современиот политички и општествен наратив на земјава, кој, пак преставува одличен автентичен модел за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста, демократијата овде на Балканот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Шекеринска: Нема одржливи мир и безбедност без вклученост на жените во одлучувањето
„Јас бев избрана за министерка за одбрана во 2017 година и тоа за многу нешта беше „прв пат“ – првата жена министерка за одбрана, за прв пат министер кој доаѓа од попрогресивна партија, што е веројатно и причината зашто избраа жена наместо маж за оваа позиција. Јас бев свесна дека иако бев присутна во политиката долг период, ќе се појави негодување и скептицизам. Станува збор за професија во која доминираат мажите, се појавуваа прашања за служење на војска, дали ми е јасно за каква област станува збор… Јас знаев дека мора да се соочам со тој скептицизам и знаев дека ние како тим мора да работиме десет пати повеќе за да ја постигнеме целта. Сега, три или четири години подоцна, дури и оние т.н. ’мачо-мажи’ не само во војската, туку и во општеството мора да признаат дека жена во Министерството за одбрана ја понесе земјата кон НАТО, и го помина прагот на Алијансата. Жена успеа после подолг период да го зголеми одбранбениот буџет, да ги зголеми платите, да ја подобри транспарентноста, да ги зголеми пензиите, да го подобри квалитетот на работа и живот во Армијата, истовремено не занемарувајќи го прашањето на родовата рамноправност, во ниту еден момент“, рече Шекеринска.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Тимовите на ЦИВИЛ денеска се во Кичево и Струга на промоција на европските вредности, недискриминацијата и мултикултурализмот. Низ низа активности, инфо-штандови, интервјуа и брифинзи, тимовите на ЦИВИЛ во директна комуникација со граѓанките и граѓаните имаа можност да ги слушнат и споделат размислувања и ставови во однос на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата. За активностите, тимовите на ЦИВИЛ допрва ќе известуваат од терен.
СЛОВЕНЕЧКО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЕУ Словенија од денеска го презема шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. За Северна Македонија, тоа значи нова шанса за одблокирање на евроинтеграциите и нова надеж за почеток на преговори.
ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА Во Бугарија денеска започна специјализирана полициска акција, која ќе трае до денот на изборите, која според министерот за внатрешни работи на Бугарија Бојко Рашков, поранешен бугарски министер за внатрешни работи и поранешен регионален гувернер се состанале во Ќустендил за да разговараат за тоа како да привлечат 15.000 Македонци со бугарско државјанство да гласаат во Бугарија.
ОБРАЗОВАНИЕ Реформата стартува од 1 септември со нови наставни материјали и дигитални учебници.
МРАЧНА УЛОГА Улогата на Јанакиевски и Спировски била да ги организираат протестите на „За заедничка Македонија”.
27 АПРИЛ Рускоска, денеска ќе ги даде завршните зборови во случајот против ,,Организаторите на 27 април”.
ИМУНИЗАЦИЈА Заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 334.386 граѓани, а во текот на вчерашниот ден се аплицирани 14.525 вакцини. Нова пратка на вакцини на „Астра Зенека“ пристигнува утре, „Спутник“ наредната недела.
МОЈ ДДВ Преку „МојДДВ“ кај граѓаните за две години се вратени 36,3 милиони евра.
РОАМИНГ Од денеска се укина роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.
ГРАНИЦИ Грција најави отворање на сите копнени гранични премини.
КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ Температурите рушат рекорди, не сме подготвени да се справиме со климатските промени.
Ирена Крџиќ













