По преброени 70,96 отсто од гласовите, изброени се 615.194 гласови, Денис Беќировиќ е во водство со 224.348 гласови, додека Бакир Изетбеговиќ досега има собрано 159.488 гласови. Кога станува збор за трката за член на Претседателството на БиХ од редовите на хрватскиот народ, Жељко Комшиќ има убедлива предност (147.862) во однос на Борјана Кришто (64.400).
Портпаролот на СНСД Радован Ковачевиќ изјави дека СНСД е блиску до објавување на победата на кандидатот за член на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ.
Ковачевиќ изјави дека 65 отсто од избирачките места биле обработени и дека Цвијановиќ освоил повеќе од 200.000 гласови, додека кандидатот на опозицијата Мирко Шаровиќ освоил околу 130.000 гласови.
Кога станува збор за изборите за претседател на Република Српска, Ковачевиќ рече дека се обработени помалку гласови, но дека врз основа на преброените 18 отсто од избирачките места, кандидатот на СНСД Милорад Додик има околу 57 отсто освоени гласови, а опозицијата кандидатот Јелена Тривиќ околу 40 отсто.
Во Босна и Херцеговина денеска се одржаа општи избори на кои граѓаните избираат членови на Претседателството на БиХ, претставници во државниот парламент, претставници во Парламентот на ФБиХ, Националното собрание на РС, како и претставници во десет собранија на кантони во БиХ.
На гласачките ливчиња има 7.258 кандидати. Право на глас имаат 3.368.666 граѓани на Босна и Херцеговина.
Речиси сите избирачки места во Босна и Херцеговина се затворени во 19 часот и почнува броењето на гласовите. Првите резултати, како и обично, ги објавуваат изборните штабови на политичките партии.
Претседателот на Централната изборна комисија на БиХ, Суад Арнаутовиќ изјави дека излезноста била 50 проценти без неколку избирачки места.
Како што рече Арнаутовиќ, попладне немало поголеми проблеми на избирачките места.
– Бројот на пријавени инциденти е 26 во Федерацијат БиХ, 21 во Република Српска, два во округот Брчко. Избирачките места беа затворени во 19 часот, освен оние кои имаа прекини. Имавме 30 пријави за прекршување на изборниот молк – рече Арнаутовиќ.
Изборите ги следат околу 60.000 набљудувачи, од кои околу 50.000 се делегирани од политичките партии. Регуларноста на изборите ја контролираат нешто помалку од четири илјади меѓународни набљудувачи.
Подготви: Д.Мишев