Изборите за претседател, според Уставот на Република Македонија, треба да се распишат 60 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател на државата. Вториот петгодишен мандат на Иванов му истекува на 12 мај.
Според најавите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателските избори ќе се распишат на 8 февруари. Првиот круг ќе се одржи на 12 април, а вториот на 5 мај.
Иако, во јавноста на големо се шпекулира за можните кандидати за претседател на државата, досега ниту една политичка партија не излезе со свој кандидат.
Постапките за избор на кандидати на партиите допрва ќе започнат.
Се очекува, вечерва на седницата на Централниот одбор која е закажана за 19 часот, СДСМ да ја започне постапката, а според досегашните информации, партијата ќе одлучува меѓу Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Стево Пендаровски и Никола Димитров, како понеутрални решенија кои според анкетите кои ги нарачала партијата имале најдобри резултати.
Иако, во игра беа околу десетина потенцијални кандидати, се шпекулира сите останати кои не се дел од оваа четворка се само тест за расположението на јавноста во однос на одредени профили на личности.
Па така, професорот Денко Малески којшто деновиве често се споменуваше како еден од можните консензуални кандидати ги демантираше овие информации.
„Во отсуство на секаква комуникација со партиите, и со непријатно чувство дека станувам предмет на манипулација, потсетувам дека не сум претседателски кандидат и барам моето име веднаш да престане да се употребува во контекст на претстојните претседателски избори“, вели Малески во изјава за „Плусинфо“.
Од друга страна, пак, Демократската унија за интеграција, како можни консензуални кандидати ги предлага, Стево Пендаровски, Зоран Заев, Лазе Еленовски, Владо Поповски, Луан Старова и Денко Малески. Ваквите шпекулации, наидоа на жестока критика од страна на Мухамед Зеќири од СДСМ. Зеќири пак, неодамна исто така беше едно од имињата врзани за можна кандидатура.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вели дека му е чест што се споменува како еден од можните кандидати на СДСМ на претстојните претседателски избори, но напоменува дека сега е момент кога фокусот треба да се стави на профилот на идниот претседател, кој и е потребен на државата.
Димитров во емисијата Топ-тема на Телма нагласи дека по повеќе анализи на оваа идеја, на аргументите за и против не ја исклучува оваа можност, но додаде дека мошне важна улога сега имаат анкетите и мислењето на граѓаните.
„Чест ми е што моето име се споменува, имам лични дебати, кој е минусот, плусот. Важна улога тука имаат анкетите, што мислат граѓаните, коалициските партнери. Сега сме во една фаза дека треба да мислиме на профилот за тоа каква личност ни треба имајќи ги предвид лекциите што ги имавме изминатите десет години“, рече тој.
Во ВМРО-ДПМНЕ пак за сега билансот е двајца пријавени кандидати за претседател. Едниот е пратеникот Влатко Ѓорчев, а другиот е партиски член кој е непознат за пошироката јавност. Рокот за пријавување кандидатури за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ истекува на 31-ви јануари.
М. Ивановска