Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на емисија ТВ 24 одговараше на прашања поврзани со реформите во пензискиот систем и за кривична пријава која МТСП ја поднесе во Основното јавно обвинителство. Царовска истакна дека пензиската реформа обезбедува стабилен пензиски систем и постојан раст на пензиите.
„Со пензиската реформа обезбедуваме праведност во системот за двете групи корисници, сегашните и идните пензионери. Со претходниот систем биле обесправени идните пензионери. Пример за тоа се овие 12.000 лица на кои не им биле префрлани средства во вториот столб, но и целосната поставеност на системот бил неправеден. Сега тоа го исправаме“, истакна Царовска.
Таа посочи дека не е точно тврдењето дека пензиите нема да растат. Порсечната пензија, посочи Царовска, од декември 2017 до декември 2018 година е порасната од 13.954 на 14.445 денари. Таа истакна дека Владата покрај реформата во пензискиот систем воведува и социјaлана пензија од која корист ќе имаат околу 6.000 граѓани кои во моментов немаат никакви примања.
Запрашана за тоа кога и како ќе се обесштетуваат пензионерите чии средства не биле префрлани во вториот столб, Царовска рече дека трансферот за обесштетување на пензионерите почнува веднаш, а првата исплата ќе опфати 4.926 осигуреници.
„Првата исплата на 4.926 осигуреници почнува утре, но и задолжителното префрлување согласно новата законска регулатива на 11.319 членови од вторите друштва кон првите веќе тече. Двата трансфера ќе завршат до крајот на месецов“, истакна Царовска.
Д. М.