Здравствената криза ни покажа колку образовниот систем е кревок, а предизвиците кои ги донесе пандемијата може многу негативно да се одразат на знаењето на учениците, особено кај најмалите и да создадат празнини што тешко дека некогаш ќе можат да се надоместат доколку немаме квалитетен наставен кадар кој ќе успее ефектите од тие предизвици навремено да ги анулира и да ги заштити нашите деца. За среќа, нашата држава има токму таков наставен кадар, вели министерката Мила Царовска во честитка по повод Светскиот ден на учителот 5 Октомври.
Посакувајќи им на сите наставници добро здравје и уште многу индивидуални и колективни успеси, Царовска наведува дека нашиот нставен кадар е посветен на работата, одговорен и подготвен да реагира кога учениците се засегнати од негативни појави и влијанија и да ги одржи на вистинскиот пат за остварување на очекуваните резултати од учењето, како би биле подготвени за живеење и работа во новиот свет на 21 век.
Посочува дека партнерски работи со наставниците на крупните промени за подобро образование, а и дека е потребна целосна сплотеност во општеството за ги поддржиме нивните напори, да ги охрабриме и уште повеќе мотивираме за ефикасно и ефективно исполнување на секојдневните обврски кои, како што вели, „за волја на вистината, многу често не им завршуваат со завршување на часовите во училиштето“.
– Уверувам дека актуелната Влада е и ќе продолжи да биде вистински предводник на процесот за подигнување на достоинството на наставниците. Повисоки плати, повеќе можности за кариерен и професионален развој и подобри услови за работа беа целите на кои бевме посветени во изминатите неколку години и ќе бидеме уште повеќе во периодот пред нас. Успеавме да ги зголемиме нивните плати за над 21 процент, да обезбедиме можности да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки месечни приходи како додаток на плата, да ги подобриме условите во кои работат преку инвестиции во инфраструктурата и во набавка и модернизација на опремата и нагледните средства за поедноставен, а сепак поквалитетен наставен процес, наведува Царовска.