На денешната прес конференција, претседателот Стево Пендаровски, со неговиот повик за расчистување на случајот „Рекет“ и инсталирање на правна држава, создаде низа позитивни реакции во јавноста. Поучени од минатото, кога поранешните претседатели на државата настапуваа во иста линија со партијата која ги кандидира, граѓаните и јавните личности дадоа позитивна оценка за настапот на Пендаровски, како вистински натпартиски и државнички.
На изјавите на Претседателот му аплаудира и опозицискиот пратеник Антионио Милошовски кој, инаку, континуирано ја напаѓа владејачката партија, не бирајќи средства. Тој на својот профил на Фејсбук напиша:
„Како и да е, јас го поздравувам ставот на Пендаровски дека италијанскиот министер за внатрешни работи не е клепто-фашист (како што го дефинира Проф Чупеска), и тоа што лично Пендаровски го потенцира Салвини не е фашист, туку демократски избран политичар на италијанскиот народ во демократска и пријателска Италија. Браво Стево!”
Неговата реакција дојде во одговорот на Пендаровски дека Ана Чупеска нема никаква релација со неговиот кабинет и дека Салвини за него е демократски избран министер. „Должност ми е да се произнесам во врска со искажаните ставови. За мене Салвини не е фашист, туку демократски избран министер во демократска република Италија, која е наш голем пријател во нашите евроатлански аспирации“, одговори Пендаровски на новинарското прашање.
Освен од опозицијата, претседателот Стево Пендаровски доби позитивни оценки и поддршка и од пошироката јавност во земјава, како од политичари, јавни личности, така и од граѓани. Тој денеска зборуваше отворено за потребата за расчистување на случајот „Рекет“, владеењето на правото и гонење на криминалот и од редовите на опозицијата и од редовите на власта.
Тој беше директен и во критиките за работата на обвинителите истакнувајќи дека евентуална вина на поединци не треба да ја загрози институцијата Специјално или Јавно Обвинителство кои, според него, треба да продолжат да се борат против криминалот и високата корупција.
Арбен Зеќири