Ги читам реакциите за вчерашното уривање на дивата населба во Урбан Парк, создадена од неколку ромски семејства и не можам, а да не прашам: До кога Ромите ќе ви бидат изговор за сè неспособно во оваа држава вклучувајќи ве и вас?
„Така им треба“, „Понудена им е помош, ама не сакаат“, „Поубаво им е да лежат на трева и да јадат, отколку да работат“, „Го наполнија паркот со ѓубре“, „Тие домови повеќе личат на депонии отколку на дом“…, се дел од коментарите н текстот за вчерашната акција на „расчистување“. Дел од реакциите, за жал, се и од новинари, професионални, со долгогодишен стаж и искуство. Меѓу кои и такви, кои не се срамеа пред своите практиканти (Роми) да зборуваат дека „повеќе сакаат кучиња од Цигани“?!
Една од новинарките кои реагираа, дури и ја оцени целата редакција на ЦИВИЛ Медиа како непрофесионална и пристрасна, иако најверојатно не го ни прочитала прилогот на колегата Дехран Муратов, друга пак, ја здоболел „срцепарателниот наслов“.
Драги колешки и колеги, граѓанки и граѓани, другарки и другари, немам намера со ова писание да го бранам колегата Муратов, кој е доволно и свесен и одговорен, и нема никаква потреба од одбрана. Но, овој пат, испровоцирана од вашите неумесни, пристрасни и полни со говор на омраза коментари, ќе ви упатам неколку добронамерни совети, кои секако нема да ги прочитате…
Следниот пат кога ќе ги опишувате „домовите“ на овие луѓе, не заборавајте да се прашате од каде ги собираат материјалите. Или, не морате, еве, јас ќе ви кажам. Од сите оние кои не знаат каде и како прописно се фрла градежен шут. Или, можеби знаат ама и не мораат, оти не се Роми де…
Направете сторија за бројот на вашите пластични шишиња што овие „дивјаци“ ги собираат по вас, од контејнерите, парковите, клупите и улиците…. Колку шишиња се, и што би му се случило на градов доколку тие не ги собираат.
Кога се декларирате за еколошки освестени граѓан(к)и, запрашајте се како тоа рециклирате, т.е. мислите дека рециклирате пластика (на пример) со тоа што ќе ја фрлите во контејнер означен за таа намена. Затоа што на крајот на денот, сиот отпад од сите контејнери завршува во еден камион, на една депонија. Тука завршува вашата еколошка освестеност!
Кога причините за илјадници нерегистирани граѓани ги барате во „една држава која не постои“, си велам – може ли вината да ја бараме и кај Александар Македонски? Зошто да не? Што е важно дали поминале дваесетина или илјадници години, битно не е наша работа да ги евидентираме и спроведеме во системот, за да им пружиме еднакви можности пред да продолжиме да ги осудуваме…
Ќе им понудиме помош под секакво човечко достоинство, ќе ги понижиме до таа мера што помила им е земјата од топол кревет и потоа јавно, ќе ги шиканираме дека демек, тие така сакаат. „Циганска работа“? Да, „циганска работа“. На македонски начин…