ЦИВИЛ – Центар за слобода соопштува дека се создадоа услови за зголемување на бројот на набљудувачи, за да излезе во пресрет на големиот интерес за учество во мониторингот на референдумот. Затоа, рокот за аплицирање за набљудувачи се продолжува до среда, 12 септември, до 20 часот. Заинтересираните можат да се пријават на онлајн формуларот или на [email protected].
Бројот на долгорочните набљудувачи е речиси пополнет, а дел од селектираните од оваа категорија ќе започнат со својата работа в понеделник, на 10 септември, односно најдоцна до среда 12 септември. Резултатите од селекцијата на сите останати апликации Комисијата за кадровски прашања на ЦИВИЛ ќе ги соопшти своите одлуки најдоцна до недела, 16 септември, 20 часот.
Во текот на наредната недела, ЦИВИЛ ќе ги покани медиумите за да ги презентира резултатите од досегашните активности, за обемот и начинот на набљудување на референдумот и други прашања во доменот на работата на организацијата. Како и секогаш, организацијата е отворена за прашања и сугестии од медиумите, организациите и заинтересираните граѓанки и граѓани. Координативниот тим на ЦИВИЛ ќе работи и во текот на викендите и празниците до крајот на септември.