ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Недискриминација и мултикултурализам во училиштата, денес, со почеток во 13 часот. На панелот ќе земат учество Министерката за образование и наука, Мила Царовска, проф. Елена Џукеска од Независниот академски синдикат и Бленди Ходаи, претседател на Средношколски сојуз. Модератор на дискусијата ќе биде Џабир Дерала од ЦИВИЛ, кој на почетокот ќе направи и кратка презентација на проектот „Европски перспективи“.
Настанот ќе се одржи без публика, во хотел „Парк“ (зад скопскиот стадион) и ќе биде пренесуван во живо на Фејсбук страницата и на видео каналот на ЦИВИЛ, а потоа ќе бидат објавени низа медиумски содржини на медиумската платформа ЦИВИЛ МЕДИА, на македонски, албански и англиски јазик. Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
ЦИВИЛ активно се вклучи во процесите поврзани со реформите во образованието со фокус на темите мултикултурализам и недискриминација. По овој настан, предвидени се уште две теми од областа на образованието и тоа: „Деполитизација на училиштата“ и „Перспективите на практикувањето и наставата за европските вредности во училиштата“.
Панел дискусиите се дел од нашиот проект „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година. Проектот обединува повеќе компоненти од кои едната е „Застапување и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата во основните и средните училишта преку придонес кон реформите на образовниот систем“.
Во наредниот период, ЦИВИЛ најавува објавување на низа документи за креирање политики во оваа и низа други области поврзани со европските перспективи на земјата.
ЦИВИЛ