СКОПЈЕ, 28 април 2026 – Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), во својот најнов Годишен извештај објавен денеска, открива загрижувачки податоци за безбедноста на работните места во Северна Македонија. Во текот на 2025 година се евидентирани вкупно 132 несреќи при работа, од кои дури 31 завршиле со смртен исход.
Преработувачката индустрија е најопасна
Според извештајот, најголем број од несреќите се случиле во преработувачката индустрија (33), по што следуваат градежништвото (15), јавната управа и одбраната (12) и дејностите на домаќинствата како работодавачи (11). Овие бројки јасно укажуваат дека и покрај законските регулативи, имплементацијата на заштитните мерки е на ниско ниво.
Економскиот и човечкиот цех
Покрај ненадоместливите човечки животи, несреќите при работа имаат и огромен економски импакт. Според методологијата на МОТ, трошоците од несреќи на работа и професионални заболувања можат да достигнат и до 4% од БДП на земјата. Во 2026 година, кога фокусот на Светскиот ден е ставен на психосоцијалното здравје, овие бројки служат како остар потсетник дека основните физички безбедносни стандарди сè уште не се целосно исполнети.
ЦИВИЛ: Работничките права се неодвоив дел од корпусот на основните човекови права и демократските вредности на едно општество
ЦИВИЛ – Центар за слобода во денешното соопштение нагласува дека работничките права, во чии рамки спаѓа и заштитата на здравјето, животот и достоинството на работничките и работниците, претставуваат неодвоив дел од корпусот на основните човекови права и демократските вредности на едно општество.
ЦМ Деск











































