пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Слушам и читам, некои музичари, уметници се жалат јавно дека оваа власт правела „црни листи“ на уметници ?!
Гледам дека истите тие уметници добиваат проекти од државата, шетаат и настапуваат во странство со поддршка од државата, организираат манифестации со буџетски пари, настапуваат на концерти финансирани од државата…а биле на „црни листи“?!
Да ви кажам лепотани и лепојки мои, што е да се биде на „црна листа“, ако сте заборавиле, а очигледно многумина заборавиле.
Ако те ставеше МВРО на „црна листа“ не само што нема да припариш до културни манифестации организирани или финансирани од државата или општините, не само што нема да добиеш некој проект, не само што ќе ти доаѓаат инспекции на свирки органзирани по клубови, туку ќе ти доаѓаат луѓе и дома, ќе пробаат да те сачекаат у темница.. само затоа што не свириш по нотите на МВРО. Знам за што зборувам, јас и мојот бенд се најдовме на таква листа откако настапивме на студентскиот протест во далечната 2009. Таа година имавме над 270 свирки и концерти севкупно. Следната паднавме на 80тина, а веќе во 2011 отсвиревме само 13 свирки.
Сега, уметниците ем критикуваат, ем добиваат пари од државата. Велат дека тие пари не се за да се купи нивниот молк. Апсолутно точно. Но не кажуваат кој е тој мајчин што им понудил државни пари за да молчат? Или се сеќаваат на некои други времиња, ама денес им текнало да зборат?
Така стои работава со „листите“, драги мои.
Порано ако си на листа, власта те тепа со стап, инспекции, не те вика никаде да свириш. Сега те тепа со пари и проекти.
Ме интересира само кој ги прави денешните „црни листи“ да знаат луѓе да се пријават и да земат некој денар во оваа беспарица и пандемиски застој, оти како вика нашиот народ, кога даваат земај, кога маваат, бегај.