Во Штип денеска започна спортскиот турнир за деца со посебни потреби „Кежо 2018“.
Општина Штип и оваа година преку турнирот за деца со посебни потреби „Кежо 2018″ создава услови за добрите ефекти од спортските активности да ги ползуваат и овие деца.
„Овој настан е особено важен, затоа што преку него ние како Општина Штип ги искористуваме своите надлежности и вложуваме напори за социјализација и вклучување на оваа категорија ученици. Преку вакви настани се фокусираме на целосна инклузија на сите категории во општественото живеење, со што активно ги вклучуваме, а заложбите за едно општество за сите се исполнуваат.“ стои во соопштението на Општина Штип.
На отворањето на настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој изјави дека еден ваков настан е важен бидејќи децата ќе се дружат и ќе спортуваат, и дека истиот ќе придонесе за уште еден чекор во процесот на вклученост на децата со посебни потреби.
„Денеска ќе учествуваат деца од четири општини, а овој убав настан ќе придонесе децата со посебни потреби да имаат убав ден. Општина Штип и јас правиме многу напори да го подобриме квалитетот на секојдневието на оваа група наши сограѓани“, истакна градоначалникот Бочварски.
На денешниот турнир учество земаат ученици од Штип, Велес, Неготино и Кавадарци.
А.П.