До 31 мај 2020-та година, истекува рокот за потврдување или корегирање на годишната даночна пријава, потсетуваат од Управата за јавни приходи.
По истекот на законскиот рок, веќе на 1 јуни, даночните пријави ќе добијат статус на конечни, согласно последниот статус – дали е потврдена или корегирана. – На 01.06.2020 година службено ќе бидат потврдени и Годишните даночни пријави коишто од страна на граѓаните не се ниту потврдени или коригирани. Годишната даночна пријава којашто граѓанинот ја коригирал, а добила статус на конечна даночна пријава ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2019 година, велат од УЈП. Од институцијата апелираат до граѓаните кои оствариле приходи, а се уште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, истото да го сторат во најкраток можен рок. Со користењето на системот, граѓаните ќе заштедат на време и нема да чекаат пред шалтерите и во даночните канцеларии на Управата за јавни приходи.