Кривичниот суд му го укинал куќниот притвор на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески за предметот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности. Јанакиески останува затворен дома за настаните од „27 април“ каде е осомничен.
За случајот „27 април“, Судот му одредил куќен притвор и забрана за комуникација со инволвирани лица во настанот односно со другите осомничени. Во тој предмет на Јавното обвинителство како осомничени за организација на крвавите настани се водат поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот спикер Трајко Вељановски, поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски и екс началникот Никола Бошковски како и поранешниот министер Спиро Ристевски.
Јанакиески денеска во Судот се појави на рочиште за предметот „Титаник“, на Специјалното јавно обвинителство. Овој предмет е во доказна постапка, а освен него обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства во финансирање на изборна кампања се и бегалецот Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Кирил Божиновски, Илија Димовски и др. За овој предмет, во куќен притвор е само Божиновски.
Денешното рочиште се одложи поради отсуство на судијата Огнен Ставрев.