Украинските единици за противвоздушна одбрана уништија повеќе од десет руски беспилотни летала кои во текот на ноќта го нападнаа Кијив, соопшти денеска украинската војска.
Воената управа на Кијив на мрежата Телеграм објави дека нема непосредни извештаи за штети или жртви во нападот со дронови и дека денеска ќе бидат објавени дополнителни информации за нападот.
„Дроновите летаа од различни правци кон Кијив. Тревогата за воздушен напад во градот траеше повеќе од три часа“, изјави шефот на воената управа на Кијив, Сергеј Попко.
Очевидци потврдија дека во текот на ноќта се слушнале експлозии во Кијив, како и дека дејствувале украинските единици за противвоздушна одбрана. Засега нема коментари од Русија за овој напад.