Синоќа Украина повторно беше цел на масовен напад од страна на Русија. Повеќе од 12 часа руските вооружени сили изведуваа удари со беспилотни летала и ракети – речиси 600 ударни дронови и повеќе од 40 ракети од различни типови, меѓу кои и хиперсоничните „Кинжали“ – врз низа региони на нашата држава, погодувајќи цивилна инфраструктура и станбени згради, информира украинската амбасадорка Лариса Дир во изјава за медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Како што утрово објави ЦИВИЛ, рускиот агресор изврши масивен воздушен напад врз цивилни цели во повеќе региони низ цела Украина, вклучително и главниот град Кијив и областа, како и Запорижка, Хмелницка, Сумска, Миколаивска, Черниговска и Одеска област. Има жртви меѓу цивилното население, вклучително и деца, а десетици лица се повредени. Овој напад со речиси 600 беспилотни летала и неколку десетици ракети е еден од најсилните во изминатите неколку месеци.
„Таквите дејствија претставуваат уште една манифестација на насочен терор против украинските градови и граѓани. Тие се случија веднаш по завршувањето на работната недела на Генералното собрание на ОН, што уште еднаш го покажува вистинскиот став на Русија кон меѓународното право и напорите на светската заедница во сферата на мирот и безбедноста“, изјави амбасадорката Дир во преписката со дежурната новинарска екипа на ЦИВИЛ.
Таа истакна дека Украина продолжува да прави сè што е можно за заштита на своите граѓани и инфраструктура, но и дека земјата очекува меѓународната заедница да изврши притисок врз агресорот.
„Украина продолжува да прави сè што е можно за заштита на своите граѓани и инфраструктура. Истовремено, сметаме на засилување на заедничкиот притисок на меѓународната заедница врз државата-агресор – политички, економски и санкциски. Светот мора да остане обединет и решителен во спротивставувањето на агресијата“, изјави украинската амбасадорка за ЦИВИЛ.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека сите смртни случаи се случиле во главниот град Кијив, каде што биле насочени голем дел од проектилите, а меѓу жртвите имало и 12-годишно девојче.
Зеленски предупреди дека Украина ќе возврати и рече дека „подмолниот“ напад покажува дека Москва „сака да продолжи да се бори и да убива“.
Џ. Д.