Три вандални акти ја оцрниле кампањата во три општини за релативно краток период. Во Тетово уништена е бандерола на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Исто така во Општина Бутел во Скопје, уништени се плакати на истата коалиција со сликите на лидерите на двете партии, Зијадин Села и Африм Гаши.
На 3 јули слични вандални активности се регистрирани и во тетовско Желино. Таму е скината бандерола со сликата на кандидатката на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Илире Даути.
На трите општини има уништени или скинати и плакати лепени на јавни површини. Од двете партии обвинуваат дека во Тетово очевидци сведочиле дека актот го правеле активисти на ДУИ, а во оваа партија се сомневаат и за Бутел.
Во Желино тврдат дека не ги познаваат вандалите, но ценат дека индикативен е фактот што само нивниот рекламен материјал е уништен, а не и на другите партии кои учествуваат на парламентарните избори на 15 јули.
А. Зеќири