Северна Македонија треба да се залага за зголемени расходи за образованието, кои во моментов се значително под просекот на ЕУ во однос на нивниот удел во бруто домашниот производ, како и за подобрување на ефективноста, ефикасноста и правичноста во расходите за образованието. Ова се наведува во соопштението на УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата – 17 Октомври.
Од УНИЦЕФ сметаат дека Владата и општините треба да го продолжат трендот на проширување на пристапот до образование во раното детство, со оглед на неговата важност за животните исходи во иднина. Воведувањето универзално здравствено осигурување за сите деца, како што се наведува, исто така, може значително да влијае врз обезбедувањето пристап до здравствена заштита.
На Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, УНИЦЕФ организира консултации со претставници од секторите за образование, здравство и социјална заштита, вклучувајќи го и граѓанското општество за да се постигне консензус за приоритетните мерки од политиките за справување со мултидимензионалната детска сиромаштија. Консултациите, како што се наведува, послужија и како форум за да се дискутира на кој начин може да се подобри меѓусекторската соработка и да се утврди поврзаноста со приоритетите, целите и постојните политики во секторите. Според УНИЦЕФ, исходот од дебатата ќе помогне да се утврди патоказ за мерење на мултидимензионалната сиромаштија.
– Важните аспекти на добросостојбата не може целосно да се опфатат само со финансиски мерки. Детската сиромаштија не зависи само од семејните приходи, туку се јавува и поради недостаток во давањето грижа, добра и услуги, како од страна на родителите, така и од државните органи. Детето може да живее во релативно богато семејство во однос на приходите, но може да страда, на пример, од физичко или психолошко насилство, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Според УНИЦЕФ, таквото повеќекратно лишување се преклопува и влијае на добросостојбата на децата. Ги намалува шансите на децата во животот и нивната способност да го остварат својот целосен потенцијал. Тоа може да доведе до доживотни последици за децата, идните генерации и општеството.
Неодамнешното истражување на УНИЦЕФ за мултидимензионалната сиромаштија покажува дека образованието е клучен фактор за прекинување на меѓугенерацискиот циклус на сиромаштија. Има поголем процент деца засегнати од мултидимензионалната сиромаштија во домаќинства каде возрасните лица имаат пониско образование, со што се продолжува циклусот на сиромаштија.
Недостигот на љубов и грижа спаѓа во двата најчести фактори што придонесуваат за мултидимензионална сиромаштија кај децата на возраст од пет до 17 години во земјата. Тоа укажува дека е неопходно да се посвети внимание на промовирањето практики за добро родителство и давањето специјализирана поддршка на родителите во овој поглед.
– Ограничениот пристап до установите за предучилишно образование може да доведе до пораст на мултидимензионалната сиромаштија кај децата. Ова е загрижувачки податок бидејќи дури 61 отсто од децата никогаш не посетувале предучилишно образование. Во оваа димензија, особено се лишени децата од руралните средини, како и децата кои припаѓаат на други етнички групи од македонската, се вели во соопштението.
УНИЦЕФ информира дека учесници на денешната консултација беа претставници од Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и технички персонал од други релевантни институции: Биро за развој на образованието, Државен просветен инспекторат, Државен испитен центар, Центри за социјална работа, Фонд за здравствено осигурување, Институт за јавно здравје, тимови за имунизација и Државен завод за статистика.
Во текот на оваа година, УНИЦЕФ поддржа три секторски работилници каде што беа разгледани образовните, здравствените, нутритивните и социјалните аспекти на детската сиромаштија.
– Овие работилници беа наменети за клучните образовни, здравствени и социјални институции за да се претстави концептот на мултидимензионална детска сиромаштија, да се добијат повратни информации за секторските индикатори за мултидимензионална детска сиромаштија и да се идентификуваат поврзаностите со секторските приоритети и постојните политики, стои во соопштението од УНИЦЕФ.
Фото: МИА архива