На 28 и 29 април (петок и сабота) во Скопје за првпат ќе се одржи несекојдневен фестивалски спектакл на живи статуи – „Урбан Фест“. Фестивалот е под покровителство на Општина Центар, а во организација на „Театроск“ – продукција за улична уметност од Скопје.
Во двата фестивалски дена, ќе се претстават артисти од речиси цела Европа, кои се веќе со години успешни и докажани на светско ниво – во областа на уметноста на „живите статуи“ и ангажирани преку целата година на најразлични фестивали.
Фестивалот започнува во петок во 19:00 часот. Утредента е предвидена целодневна фестивалска програма, почнувајќи од 13:30 часот – до полноќ.
Во текот на двата дена, „живите статуи“ ќе настапуваат од 19 до 21 часот, распоредени на Скверот Јадран и околните улички. За време на петочниот перформанс и потоа, со свои музички сетови посетителите ќе ги забавуваат и DJ Оги и DJ Маци.
На програмата во сабота е и концертот на џез составот „Летечки Пекинезери“, а ќе настапат и „Европски Статуа Проект“, во кој свое учество најавуваат повеќе артисти кои директно ја анимираат публиката присутна на локацијата на фестивалот.
Потоа, во текот на денот, свој музички сет ќе имаат и домашните DJ Бугимен и DJ Шурбе, а во 21 часот ќе започне концертот на популарните „Фолтин“.
На Урбан Фест ќе учествуваат и младите сараeвчани „Бетонци“, кои стекнаа регионална и европска слава со својата уметност на улични површини. „Бетонци“, во текот на двата фестивалски дена, ќе цртаат 3D ликовна уметност на плоштадот „Јадран“.