Доцна синоќа потврден е уште еден случај на корона вирус во земјата.
Пациентката е докторка, директорка на Клиниката за кожни болести во Скопје, која пред една недела допатувала од Италија.
Филипче истакна дека целата екипа од Институтот за јавно здравје прави проценка на ризик и можно е одделот да биде целосно затворен. Пациентите коишто се хоспитализирани најверојатно лекувањето ќе го продолжат во домашни услови, а сите други прегледи ќе бидат пренасочени во другите здравствени установи кои ја имаат оваа услуга.
„Среќа колешката немала ден во амбуланта, па немала директен контакт со пациентите. Досега ги навела сите контакти кои ги остварила во изминатиот период“, вели Филипче, додавајќи дека ова непочитување на препораките е огромно разочарување.
„Секојдневните апели за само изолација мора да се сфатат многу сериозно. Секој којшто доаѓа од ризичен регион, а нема симптоми мора да остане во автоизолација 14 дена. На тој начин го штитиме здравјето на сите граѓани. Мора да имаме одговорност“, апелира Филипче.












