За само 12 часа попишани се 91.681 лица, 28.355 домаќинства и 37.404 станови што претставува повеќе од успешен почеток на пописот, информира на неговата официјална страница на Фејсбук министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Според Маричиќ. Граѓаните и попишувачите соработуваат одлично на терен.
„Посебно сум задоволен што се почитуваат сите здравствени протоколи и дека граѓаните се среќни што можат директно да придонесат за доброто на државата“, истакнува министерот за правда во објавата.
Денес на терен заедно со попшиувачите излезе и првиот човек на ДЗС. Според него, од утринава, кога почна најголемата статистичка операција во земјава, нема информации за одбивање за попишување од страна на граѓаните или за каков било технички проблем, информираше директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.
Тој ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации со кои мора да се излегитимираат.
„После 20 години го дочекавме денот да започнеме со најважаната статистичка операција во државата – Пописот на населението, домаќинствата и становите. Посакувам оваа операција да ја завршиме успешно во интерес на сите. Да се приберат доволен фонд на информации за сите граѓани, за станбениот фонд и сите податоци што се важни за државата. Пописот не служи на ниту една политичка партија, ниту на поединци, служи на оние кои треба да го градат развојот на државата“, изјави Симовски.