Со овој акциски план ќе се спречи корупцијата на Владата и ќе се расчисти со коруптивните остатоци од минатиот режим, рекоа денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски, на презентацијата на акцискиот план за борба против корупцијата.
„Го усвоивме планот за борба против корупцијата наречен ‘Акција 21’. Првите два приоритети се борба прочистување на правосудството и борбата против корупцијата, а планот е производ на политичката волја како Влада да се избориме против корупцијата“, рече премиерот Заев.
Заев и Николовски истакнаа дека планот ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси“, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релевантни институции кои ја следат состојбата во државата.
Премиерот потенцираше дека и неетичкото однесување на актуелните функционери нема да остане неказнето и апелира да се пријавува секое мито.
„Нашата антикорупција значи постојано вклучен аларм за штетното и разорно дејство на корупцијата, со цел заедно со граѓаните да се спротиставиме и на најситното подмитување.Медиумите сега откриваат и известуваат за случаи за кои порано на власта не и се слушаше, а подоцна за таквото известување се затвораа цели медиумски куќи. Ги охрабрувам медиумите и понатаму да го прават тоа низ нивното секојдневно известување и особено преку истражувачкото новинарство да продолжат да бидат партнери на граѓаните во оваа борба“ истакна премиерот Зоран Заев.
Дел од мерките во планот се екипирање и дигитализација на Обвинителството, со што се очекува да се забрза процесирањето на пријавите и повеќе да нема пријави во фиоки. Воедно, ќе се дигитализира и Управата за водење матични книги на родени, со што изводите би се ваделе онлајн.