Барањето на граѓанските здруженија за флексибилно работно време на државните институции и на јавната администрација, во интерес на граѓаните што работат во две смени, што беше предмет на расправа на работната средба на министерот Дамјан Манчевски со претставници од граѓанските организации, експерти, претставници од меѓународната заедница и од здруженија и асоцијации на медиуми за реформи во администрацијата, вчера беше усвоен од Владата
Флексибилно работно време ќе започне со примена на 1 септември и тоа, прва смена – од 7:00 до 14:30 часот и втора смена – од 14:00 до 21:30 часот. Први со работа во две смени ќе започнат УЈП, Царинската управа, Управата за водење на матични книги, МВР, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, во Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана…
Според најавата, овие институции ќе работат во една смена и секоја првата сабота во месецот, од 8:00 до 16:00 часот.
Министерот Манчевски, на прес-конференција посочи дека ваквото уредување на работното време ќе помогне администрацијата да се прилагоди и на работно време на градинките и училиштата, и изрази надеж дека ќе се намалат проблемите во сообраќајот.
Листата на институции што ќе работат во две смени дополнително може да се дополнува или менува во зависност од потребите на граѓаните.