Владата на вчерашната редовна седница го разгледа и прифати Националниот план за Ковид-19 вакцинација во Северна Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месени извештаи за остварениот напредок.
Вакцинацијата во државава ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни граѓани, велат од Владата.
„Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура“, стои во владиното соопштение.
За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата.
„Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови. Националниот план опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата“, известува владината служба.
Клучната улога во спроведувањето на вакцинацијата ќе ја има системот „Мој термин“, која според најавите на министерот за здравство Венко Филипче треба да започне во февруари.
„Повикувањето ќе се одвива преку системот „Мој термин“. Во првата група се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, потоа вработените во лабораториите, каде што се врши дијагностиката и најстарите граѓани над 70 години кои се во ризична група согласно нивните хронични дијагнози“, рече Филипче во интервју за ТВ21.
За вакцините, тој вели дека точно знаат каде ќе се чуваат, без разлика дали е вакцина на „Фајзер“ која се чува на -70 степени или станува збор за останатите вакцини.
Тој вели дека има на залиха од лековите Ивермектин и Клексан. Посочи дека е зголемена побарувачката за Клексан, но оти постојано ги зголемуваат и залихите.
Во однос на работата на угостителските објекти, Филипче рече дека ќе почекаат да видат како ќе се одвиваат работите неделава со малку продолженото време и врз основа на тие резултати ќе се носат нови препораки.