Васфије Красниќи Гудман е првата жена – жртва на сексуалното насилство за време на војната во Косово, којашто јавно проговори за нејзиното ужасно искуство кога била силувана во 1999 година, за време на српската окупација во Косово.
Таа ја разби табу-темата во косовското општество, што се однесува до јавното произнесување за сексуалното злоставување на жените за време на војната, минатата вечер на ТВ интервју за РТК ( Косовската Јавна Телевизија), од каде била контактирана откако минатата година објавила статус на нејзиниот Фејсбук профил, со порака до силувачот. Објавата на Фејсбук вели дека ја напишала со цел да ги охрабри другите жени од Косово коишто биле жртви на сексуалното насилство за време на војната, да се искажат јавно.
36 годишната Васфије живее во Тексас – САД, мажена е за Американец, и има две деца. Со солзи во очите раскажува за ужасите што ги доживеала на нејзина 16 годишна возраст, кога била силувана од двајца Срби, од кои еден бил полициски службеник на режимот на Слободан Милошевиќ, во селото Бабимовац, Вучитрн.
„На 14 април 1999 год. Бев во дворот од нашата куќа кога некој тропна на врата. Влегов внатре и и кажав на мајка ми да излезе да отвори, бидејќи некој гласно бараше да се отвори вратата… и мајка ми ја отвори, бидејќи мораше. Не знаевме дали се дојдени со намера да не убијат или да претресуваат. Тој праша каде се наоѓаат татко ми и брат ми. Мајка ми му кажа дека се во Германија, а тој рече: ‘Не, не се во Германија, во војна се отидени’“, вака Васфије ја започна својата приказна.
„Потоа влезе внатре и ме зема, ми рече дека ќе ме однесе во полиција да дадам изјава. Не сакав да одам, но тој со сила ме внесе во автомобилот, сина „Застава 101“.
Откако тргнале со автомобилот, на 16 годишната Васфије и станало јасно дека нешто не е во ред, бидејќи не се движеле кон полициската станица во Вучитрн, туку во друг правец.
„Тој не застана кај полициската станица, туку продолжи во правец на Приштина. Не ми беше јасно што се случува, имав само 16 години. Во тие мигови единствено сакав да умрам од куршум, сакав само да ме убие“, продолжува Васфие со солзи во очите.
„Застанавме со автомобилот и ме натера да излезам, на поле со пченка. Ме фрли на земја и не можете да замислите што се случуваше потоа. Левата рака му беше завиткана, и ми велеше: ‘Нема да те убијам, вака ќе страдаш повеќе“.
Ужасите на Васфије не престанале тој ден, таа раскажува дека уште еден човек ја силувал.
„Потоа се врати во автомобилот и дојде уште еден човек, не беше облечен во полициска униформа, туку со цивилна облека. Ме однесе во една куќа во близина на селото Бабимовац. Му велев дека сакам да се вратам дома, само тоа сакам. Ми рече да не кажувам каде сум била, да кажам дека сум била во полиција да дадам изјава. И дека ако кажам што се случило, ќе ме убијат“, раскажа меѓу другото Васфије.
Околу 700 жени жртви на сексуално насилтво во војната се регистрирани од Државната Комисија за верификација на жртви на сексуално насилство. Овој статус е одбиен за 103 жени за коишто се сомневаат дека аплицирале лажно.
Сексуалното насилство, особено силувањата извршени над жени и малолетнички за време на војната во Косово, сè уште е табу во косовското општество. Косовските жени жртви на сексуално насилство за време на војната со години молчат за нивните гротескни искуства, заради стигматизацијата од општеството и неприфаќањето на жените жртви во и од своите семејства.
Дијана Тахири