ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Вечера. Вечерва ќе си каснам малку од идентитетот ако останало… што да не, мој си е и секогаш повторно му се враќам, речиси секој ден. Дури и да не ми се јаде, за инает на оној попладневен водител на вестите во Сител кој добил упатство со што да ги отвори своите 30 минути.
Во Татарчев се налутиле за споменувањето на трагедијата во Кочани, гарант, бидејќи такви настани без оставки на раководството на една земја се можни само во Мјанмар. Добро и во Кина. За Унгарија не сум сигурен. Ама во секоја земја која се нарекува демократска вакво фаќање на кривина кога е одговорноста во прашање во ЕУ не се толерира. Па и тоа е една причина заради која предварително во ВМРО не сакаат да им се споменува Брисел. Добиваат киселина во желудникот.
Добро што во вестите на Сител беше гостин Муртезани кој се обиде на културен начин да го исправи водителот Иван Кузмановски, кој заедно со една колешка, водителка – уредничка од ова студио беа во САД. Не гледам дека од тоа имало големо фајде – целата редакција е врзана со папочна врпца со палатата Татарчев, уште во времето на Груевски, ама и пред тоа, со мали осцилации.
Можеше Муртезани да му објаснува до утре дека неговата разочараност во Кос е површна (рече симплифицирана, знае тој да биде мек) бидејќи и нашата кујна е секако дел од идентитетот и дека е тоа многу поширок поим од говорот.
Впрочем, Шкотите без исклучок говорат англиски па никој не може да ги нарече Англичани. Нека проба.
Ама никој не ни е крив кога основната грешка е креирана токму во Татарчев а тоа е да не влеземе во ЕУ. Секој повод во таа насока е добар а новинарите… па тие се само еден вид на телеграфски жици.
Нека е за утеха на Кузмановски што навистина не е единствен. Еве Американците ја испратија Јанева на обука во Италија и САД за борба со корупцијата. И резултатот е дека таа лесно се … корумпираше. Мислам има и бетер. Американците умеат да прават големи грешки во нивната кадровска политика.