Д-р Вело Марковски најави учество на претседателските избори во 2024 година како независен кандидат. Повикувајќи се на патриотизмот и средување на здравството и корупцијата, на вчерашната прес конференција, најави дека, како татко на нацијата секогаш ќе биде на страна на граѓаните.
„Мојот став е дека целата процедура со промената на Уставот треба одлучно да се прекине. Преспанскиот и Бугарскиот договор се генератори на несреќа, чувство на најмала вредност, вознемиреност, страв за иднината и поделеност во македонското општество. Мораме да си ја вратиме самопочитта, да си ја сакаме Македонија. Не можеме да одиме боси низ трње по патот кон ЕУ.
Вистински Претседател нема да дозволи да биде маргинализиран, без разлика што за тоа мислат партиските лидери. При тоа кохабитација меѓу Претседателот и партиите мора да има, а основен услов е да биде задоволен интересот на народот и државниот интерес, а не интересот на партиските лидери“, изјави Марковски.
Марковски очекува и прифаќа поддршка од сите граѓани, освен од поединци и партии кои „макар и со една изјава го негирале повеќемилениумското постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и повеќе вековно постоење на современа македонската нација“.