Актуелниот министер за здравство, воедно и претседател на комисијата за здравство на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот прес изјави: „За две години, со конкретни мерки во здравството, покажавме вистинска грижа за пациентите и лекарите“. Според Филипче, обезбедени се лекови за сите, во текот на целиот месец.
https://www.facebook.com/SDSMakedonija/videos/904088923293634/
„Од први октомври ја зголемуваме капитација за матичните лекари“ – најави Филипче, а воедно ја извести јавноста дека е далеку подобрена состојбата со снабдувањето со лекови за болните од дијабетес, што беше болна точка во текот на изминатите години.
Во врска со ова тврдење, ЦИВИЛ Медиа веднаш побара изјава од Димче Велев, претседател на Здружението на лица со дијабетес „Шеќерче – Lollipop“ од Велес.
„Факт е дека Министерството за здравство, на барање на СЗДМ и здруженија на лица со дијабетес, во 2018 иницираше, а потоа е донесена и законска измена со која за секој инсулин, во нашата држава се бараат сертификати и стандарди кои се применуваат во развиените земји. Со новите законски прописи, секое пенкало инсулин, надвор од оригинален доставен сертификат, одобрение од надлежната агенција, е криминал. Со тоа и се овозможи во почетокот на оваа година, на нас пациентите да ни бидат достапни најновите и квалитетни инсулини“ – изјави Велев за ЦИВИЛ Медиа.
Сепак, состојбите во македонското здравство се очајни. Според Филипче, тоа се состојби што се наследени од времето на претходната власт и многу е тешко да се санираат во краток временски период, но дека одговорната влада предводена од СДСМ прави максимални напори да ги надмине.
ЦИВИЛ Медиа останува отворен подиум за аргументирана дебата за состојбите во овој ресор и пошироко.
Џ. Дерала