Американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, на 13 септември ќе допатува во Македонија на средби со македонскиот премиер Зоран Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември, соопшти Стејт департментот.
Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис-заедницата, со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американската поддршка за приклучувањето на Македонија во западното семејство, се наведува во соопштението.
Претходно Вес Мичел ќе престојува во Грузија, каде што ќе учествува на меѓународна конференција во Тбилиси и ќе има средби со претставници на властите и на граѓанското општество.