пишува: Арбен Зеќири
Три децении од независноста, сите со право се надевавме дека годинава, во време на светски предизвици, ние ќе надминеме конечно еден голем предизвик, важен за нашата иднина. Актуелната власт потпиша два договора со соседите со кои се решија историски спорови, а од нив едниот (договорот со Грција) веќе вроди со плод, Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО и ветото од Грција остана во минатото.
Ист плод очекувавме и од договорот со источниот сосед, Република Бугарија, и се уште очекуваме бидејќи уште ништо не заврши.
Но, деновиве добивме ладен туш и очекувано, нервозата, револтот и разочарувањето излезе на виделина. Не само етничките Македонци, туку сите кои живеат во земјата ги почуствува подеднакво последиците и ефектите на ветото од Бугарија за преговарачката рамка, со која требаше и формално да ги почнеме преговорите со ЕУ.
Очекувана, но недозволена е реториката полна со национализам, ширење омраза и непријателство кон бугарскиот народ.
Знам дека самото оправдување и однесување на бугарската политичка елита беше националистичка и навредувачка за македонскикиот народ. Но тоа вето не треба во ниту еден случај да се гледа како „бугарско“ и да се почне кампања против бугарскиот народ. Ветото ни беше подарок од Захариева, Борисов и другите политичари во Бугарија.
Ветото треба да се гледа како тенденција, обид и политичка злоупотреба на овој историски момент од бугарските политичари. Знаеме дека во Балаканот етничките теми и националните чуства, биле главна муниција за политичарите, било тоа во земјите кои се членки на ЕУ, било во земјите кандидати.
И внатре и во соседството сме имале слични ситиации, кога во важни моменти партиите гледале можност и не пропуштиле можност за такво профитерство.
Дека ветото не ни беше бугарско покажува и самата атмосфера во Бугарија. Пред и по состанокот во Брисел, во Бугарија немаше ни реакции, ни протести, ниту притисок од граѓаните. Втора причина зашто не треба во ниту еден случај гневот да се насочи кон бугарскиот народ е и фактот дека тоа би било аргумент плус за бугарската политичка елита да не обвинуваат уште повеќе во име на „добрососедските односи“. Е тогаш не само што ќе го користат моментот туку ќе бидат и во право, истакнувајќи дека во Северна Македонија има национализам и омраза кон соседскиот народ.
Впрочем, условот за членство во ЕУ официјално звучи „добрососедски односи“, а секоја националистичка реторика и говор на омраза против еден соседен народ удира токму кон ова правило.
Да оставаме Република Бугарија, сама да се справи со неевропската грешка и неправда која ја направи против нас, против сите нас што живееме во оваа земја. А ние да испратиме порака на Брисел дека немаме омраза кон соседениот народ, дека не сме проблем за добрососедски односи, туку соседот нема фер однос кон нас.
Да покажеме дека сме станале европејци и дека сме вредни и достојни за ЕУ и дека Унијата ќе се збогати со нас!