Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека нема да има привремени парламентарни избори на крајот од мај и на почетокот на јуни оваа година, без да има техничка Влада, како што денеска повторно побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Имам јас еден внук Никола и цело време му викам: ‘А бе Никола, земи работи, книгата, учи, работи за да напредуваш’, а тој ми вика: ‘Купи ми ‘плејстешјн’. И што и да му кажеш, тој цело време вика: ‘плејстејшн, па плејстејшн’. И ова ме потсетува на претседателот на опозицијата, т.е. на мојот внук Никола, кој, наместо да се фати со работа, само бара да му се купи ‘плејстејшн’, така што сметам дека и тие треба да се посветат на работа во општините отколку само и само да повторуваат: ‘Предвремени избори’. Предвремени избори нема да има, ќе има редовни избори за кои го кажав резултатот“, рече Ковачевски, на прес конференцијата по завршување на Советот за социјална сигурност за усогласување на пензиите.
Ковачевски смета дека тоа што парламентарното мнозинство е зголемено е потврда дека избори ќе има дури следната година.
„Прашањето за предвремените избори, кое Мицкоски го најавуваше во декември, па го презакажа за јануари, па за средината на февруари, е затворено. Бидејќи тврдеше дека има мнозинство од 61 пратеник, на крајот се покажа дека Владата има зголемено мнозинство од 65 пратеници. Со тоа, ова прашање е затворено. Јас не ги менувам становите секој ден, изборите ќе бидат во редовните термини, прво претседателските избори, па парламентарните избори, на кои ќе победи СДСМ. Јас упатив порака дека ВМРО-ДПМНЕ управува со 50 општини, дека треба таму да работат“, додава Ковачевски.
Ковачевски не сакаше да ја коментира кампањата „Тој доаѓа“ што ја води ДУИ во јавноста. За него, премиер Албанец не е ништо ново.
„Во однос на премиер Албанец, тоа не е ништо ново. Тоа беше објавено на прес-конференција во 2020 година по изборите кога присуствуваа Зоран Заев и Али Ахмети. Тие се достапни снимки, при што се формира Влада во 2020 година по изборите на кои победи СДСМ и со ДУИ формира Влада. Така ќе биде и во 2024 година кога СДСМ ќе победи и ќе формира влада со коалициските партнери“, рече Ковачевски.












