Нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна влада, а оваа Влада е најстабилна од 90-тите години до сега и има мнозинство од 78 пратеници, кое наскоро ќе надмине и 80, оцени денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
-Од 90-тите до сега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова – 78 и тоа расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80 што е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа само е трошок за државата и губење време, рече Меџити во одговор на новинарско прашање при денешната посета на депонијата Дрисла во Скопје.
Тој нагласи дека организирањето предвремени избори не е добро, бидејќи најмалку шест месеци пред и после изборите запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања.
-Тоа влијае многу на економијата и на бизнисот. Затоа мислам дека нема да бидат среќни да има предвремени избори тие што сакаат да работат, односно бизнисот во оваа држава, потенцира Меџити.
Изјавата на Меџити следува откако премиерот на Владата од која де е и ВЛЕН, Христијан Мицкоски понуди предвремени парламентарни избори, а опозициските СДСМ и ДУИ истите ги прифатија, вицепремиерот Меџити, како дел од коалициониот партнер Влен е единствениот кој досега ја одби идејата за предвремени избори.
М. Д.