На вчерашната седница Владата донесе одлука за престанок на акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“.
Владата го задолжи ЈП Македонски шуми да достави сеопфатна информација за ефектите и резултатите од оваа акција. Идните активности за пошумување ќе се реализираат со одобрена предлог програма за проширена репродукција на шумите на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагира на ваквата одлука, обвинувајќи ја Владата дека со укинувањето на „Денот на дрвото“ на површина ја покажува лажната грижа за чистиот воздух.
„Чистиот воздух, исто како и ветувањето за живот на сите се лажни пароли и лажни ветувања кои ќе станат синоним за неспособноста влада на СДС и Зоран Заев. Овие две ветувања ќе се вбројат во редот на големи лаги на СДС како онаа дека ќе вработеа по еден од секое семејство, и дека ќе носеле инвестиции. Владата на СДС и Заев наместо по градење исклучиво ќе се памети по уривање, стопирање, и наметнување на нови давачки. Наместо со ново зеленило, тие против загадувањето се борат со покачување на цената на нафтата, покачување на цената на паркирање и редица ретроградни мерки“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.