Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во Комунална хигиена со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.
– Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување, ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци на Владата, се наведува во соопштението испратено од владината прес-служба.
Како што информираат оттаму, на денешната владина седница е задолжено Министерството за внатрешни работи во соработка со надлежните институции, а му се укажува и на Инспекторатот при Град Скопје да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад.