Владата денеска на седницата нема да расправа за дипломатскиот инцидент со Србија, и нема да има ниту дополнителни реакции на тврдењата на српската страна.
Според агенцијата „МЕТА“, откако официјален Белград.во неделата го повлече целиот персонал од амбасадата во Скопје на консултации, поради наводни „офанзивни разузнавачки активности во Македонија против Србија“, македонската Влада соопшти дека нема да донесува избрзани заклучоци во врска со повлекувањето на српските дипломати и дека „ги поздравува најавите на официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки“.
„МЕТА“ го пренесува и пишувањето на белградскиот весник „Блиц“, кој се повикува на анонимни извори, и тврди дека српските дипломати во Скопје, „без никаков повод биле следени, биле применувани и методи на застрашување, а дел од притисокот бил со одобрение на странците“.
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ вчера изјави дека Србија е за пријателски односи со Македонија, но, порача дека Белград би можел да го промени ставот во врска со примената на уставното име на Македонија, доколку официјално Скопје го смени својот воздржан став и го поддржи влезот на Косово во УНЕСКО.
[divide]